31/01/2022 IN MEMORIAM
АЛЕКСАНДАР ЏАМБАЗОВ
(1936-2022)
Еден од најистакнататите композитори и диригенти на Македонија. Роден на 3 Февруари, 1936 година, во Војводина, го започнува своето основно и средно музичко образование во Скопје, а потоа го завршува во Белград каде дипломира на Музичката Академија во 1960 година. Се вработува во Македонската Радио Телевизија, најпрво во музичките редакции, за потоа да стане диригент на познатиот Танцов Оркестар, активно работејќи на таа позиција во текот на целиот негов работен век.
Играјќи огромна улога во основањето на фестивалот на забавни мелодии Скопје Фест, а и создавајќи го најпознатиот детски фестивал Златно Славејче, дава особен придонес кон развојот на музичката култура во сите нејзини облици, на територијата на целата поранешна Југославија. Низ годините на неговото активно учество во светот на музиката како композитор и диригент, создава огромен музички опус од областа на класичната и популарната музика, во исто време вршејќи огромно позитивно влијание на помладите генерации.
Како автор на огромен број композиции, било да се тоа детски песни, фестивалски евергрини или дело од неговиот опус од областа на класичната музика, Маестро едноставно станува симбол на генијалност, совршеност и маркантност кои се забележуваат во секое негово дело.
Со неговото дело “Рапсодија за Скопје” за пијано и симфониски оркестар, го добива најпрестижното признание на интернационалниот фестивал во Cava de Tirreni во Италија. Секако тука се и националните признанија за животно дело 11 Октомври, 13 Ноември итн.
Член е на Сојузот на композитори на Југославија од 1958 година. Во неговото досие во ЗАМП се наоѓаат пријавени 982 авторски дела. Несебично дава огромен придонес во авторската заштита како член на Претседателството на СОКОЈ, член на Управниот и Надзорниот Одбор на ЗАМП. Со својата исклучителна меморија, Маестро е секогаш расположен да ги склопува мозаиците на случувањата, настаните, изведбите од времињата минати.
На ден 25 Јануари, во утринските часови, со неверување ја дочекавме тажната вест дека престана да чука срцето на нашиот Маестро. Огромна тага и жалење… Ликовите како Маестро чиниш дека се бесмртни. Иако за кратко ќе наполнеше 86 години, тој како да не старееше, кај него не престана да поигрува младешкиот дух и духовитост.
Неговата комеморација се одржа на ден 28 Јануари, 2022 во МОБ каде присуствуваа голем број негови пријатели и соработници. Иако беше тажен ден, Маестро беше поздравен со извадок од неговата Рапсодија за Скопје и еден громогласен аплауз како последен поздрав.
“Постојат повеќе дефиниции за зборот ГОСПОДИН, но господин тешко се станува, таков треба да се родиш, а таква привилегија имаат малку луѓе. Маестро Џамбазов беше едноставно тоа, роден ГОСПОДИН.
Кој ја имал привилегијата да го запознае нашиот маестро Џамбазов и кој ја допрел неговата добрина, никогаш нема да го заборави. Ќе го паметиме по добрината, хуморот, посебниот шарм и генијалноста.
Дојдовме овде да се поклониме и да кажеме едно големо БЛАГОДАРАМ за секој момент, за секој збор со кој несебично не почeстил.
Благодарам за прекрасното пријателство, кое трае од мојата четврта година. Ме воведе на музичката сцена со едно Чудно маче, како славејче, но до последен ден останав Ваше гавранче.” – Антонета Токовска Котевска, в.д. Директор на ЗАМП