На прагот на својата авторска кариера, многумина млади автори со неизмерна радост го очекуваат својот прв хонорар за својата работа. Тука се и веќе докажаните автори кои се во постојана потрага по било каква заработка во текот на својата кариера, а особено во овие тешки времиња за музиката, културата, човештвото…
Еден од начините за заработка од “правење” музика, особено во поново време е со склучување на Buyout Договори.
Што се Buyout Договори?
Филмските продуценти, креаторите на видео игри, радиодифузни организации, или било кои други компании имаат потреба од музика која би ја намениле за остварувањето на некој свој проект-видео игра, филм, шоу и сл. Притоа се поврзуваат со некој автор на музика кој би го креирал или веќе го има искреирано бараното парче музика и му нудат Buyout Договор, според кој компанијата би му исплатила на авторот еднократен паричен надомест за завршената задача, а авторот пак би се откажал од авторството и авторските надоместоци кои евентуално би произлегле од створеното музичко дело. Или приближно:
”Јас, изјавувам дека сум автор на делото , направено за потребите на (име на проект) и се согласувам сите авторски права кои произлегуваат од споменатото дело да бидат пренесени/назначени на _ (барателот)….”
Резултат!
Авторот добива еднократен паричен надомест според договорот и во исто време се откажува од континуиран авторски надомест кој би произлегол од употребата на неговото дело, додека е жив и 70 години по неговата смрт. Во исто време се откажува и од авторското право во контекст на моралното право, односно самиот автор кој работел на делото да не може да биде идентификуван како автор на истото. Уште повеќе, поради незивесната иднина на самото авторско дело, авторот ризикува да е платен многу помалку од вредноста која делото евентуално би ја достигнало (филмот, видео играта и сл. достигнува огромен успех, а темата употребена во него/неа веќе ги поминува границите на првобитната намена и станува мега хит со широка распространетост). Договорот кој авторот го потпишал во минатото, го спречува да го ужива успехот на своето дело. Еве ја и другата страна-на крајот проектот од било какви причини пропаѓа, а створеното дело за таа намена останува заклучено во фиока. Значи авторот работел и створил дело кое не успева да ја види ни светлината на денот. Па ако се знае дека авторите на музика (односно нивните дела) се нераскинлив дел од филмот, видео-игрите, ТВ и другите аудиовизуелни уметности, а тантиемите се единствениот приход кој континуирано би го добивале за употребата на нивните дела, Buyout практиката дефинитивно нанесува сериозни импликации врз кариерата на авторите.
На крајот осамнуваат прашањата-колку авторите внимаваат на тоа каков Договор потпишуваат? Според кој Закон го потпишуваат истиот? Дали истиот тој Закон регулира фер исплата на авторот? Дали според Законот авторот има право да го раскине Договорот и дали му следува дополнителна исплата доколку делото постигне поголем успех од предвиденото? Дали според истиот тој Закон авторот има право делото да го понуди на друга страна доколку делото не е соодветно искористено според веќе потпишаниот Договор?
За да се подигне свеста за овој глобален проблем, се создаде кампањата Your Music Your Future, кампања од интернационален карактер, формирана во САД во 2019 година, посветена на едукација и информирање на авторите за нивните опции на наплата за користење на нивните дела, вклучувајќи ги и Buyout Договорите. Самата кампања е исклучиво од едукативен карактер, не завзема ничија страна и веќе прераснува во Заедница која секојдневно се проширува со молскавична брзина. Најпрво на територијата на САД, а потоа во соработка со CISAC (the International Confederation of Societies of Authors and Composers) и CIAM (the International Council of Music Creators), кои преку своите членови кампањата ја прават достапна за авторите низ целиот свет. Преку својата web страна https://yourmusicyourfuture.com кампањата нуди бесплатни правни совети за секоја евентуална дилема при потпишување на било каков договор, или ангажирање во било каков проект врзан со користење на авторски дела, како и размена на искуства на различни автори од различни страни во светот, според различни Закони и прописи. Неодамна кон кампањата се приклучија и The Japanese Society for Rights of Authors, Composers and Publishers (JASRAC) и the Asia-Pacific Music Creators Alliance (APMA), кои дадоа детален извештај за состојбата со Buyout Договорите во Азија и пошироко, потенцирајќи ги истите проблеми кои настануваат како резултат на потпишувањето на Buyout Договори според Законите во Азиските земји.
ЗАМП како член на CISAC апсолутно ја поддржува оваа иницијатива и им препорачува на авторите активно да ја следат https://yourmusicyourfuture.com/ и да се обратат до ЗАМП за било каков совет во врска со Buyout Договорите.
Едно е сигурно: Buyout Договорите претставуваат глобален проблем, земаат сe поголем замав низ целиот свет, а авторите треба да бидат едуцирани за тоа, пред да потпишат било каков Договор. Наша обврска е да ги известиме и едуцираме за нивните права, а потоа останува на авторите да одлучат во каква музичка иднина ќе запловат.