Љубомир Бранѓолица

(1932-2023)

Со огромно жалење ја примивме веста дека на ден 24.07.2023 година во 90-та година од својот живот почина нашиот особено плоден автор, композитор на класична, популарна и филмска музика, балети, камерни и хорски композиции-големиот Љубомир Бранѓолица. Огромниот опус од преку 450 авторски дела во нашата евиденција, меѓу кои “Езеро мое”, “Ако истраеш”, “Блиска а сепак далечна”, “Скопје сонува”, балетите “Одблесок”, “Дубровничка легенда”, “Воена приказна”, како и оркестарските “Медитеранска суита”, “Флаута Фламента” и уште многу други.

                Роден во Хрватска, започнал да се школува во Загреб и Риека. Извесен период работи во Белград како пијанист во Уметничкиот ансамбл на Армијата на Југославија, за во 1954 да се пресели во Македонија, започнувајќи со ангажман во Македонскиот Народен Театар, а потоа и во Македонската Радио Телевизија од 1966 година до неговото пензионирање, како музички уредник и продуцент.

Уникатен и модерен во својот израз, внесува свежина во македонското музичко творење во 20 век, по што ќе биде запаметен како еден од најплодните и најзначајните автори во Македонија.

Неговата појава до неговото последно видување оддаваше впечаток на исклучително културен, префинет гениј, кој секому се обраќаше со почит. Своите дела ги регистрираше редовно и со ентузијазам дури и во неговата длабока старост.

Го изразуваме нашето најголемо сочувство! Почивај во мир Господине Бранѓолица!