28/07/2023 IN MEMORIAM
КИРЕ КОСТОВ
(1949-2023)
Ова утро осамна без нашиот Маестро Кире Костов, еден од најголемите во македонската музика. Како еден од најплодните композитори, диригенти, аранжери ќе остане помеѓу оние кои никогаш нема да бидат заборавени.
Беше родум битолчанец, роден во 1949 година. Своето образование го заврши во Битола, Белград и Скопје, започнувајќи го својот работен ангажман во Танцовиот Оркестар на МРТВ как прв трубач и солист, а подоцна и негов диригент. Речиси и не постоеше фестивал на кој не ќе провееше неговото име, како композитор или диригент, на детски или поп фестивал: Скопскиот фестивал, Макфест, Интерфест, СИ ДО, Сунчане Скале Будва и уште многу други.
Неговите дела се слушаа и ќе се слушаат потсетувајќи не дека во Македонија има прекрасна музика. Нам добро познатите Штом се сака, Летај галебе, Синот божји, Тајно моја, Кога те нема и уште многу други песни се песни кои вечно ќе траат, песни кои развеселуваат, кои растажуваат, кои допираат до срцето.
Горди сме што Кире Костов беше дел од ЗАМП пред се како наш член од 07.09.1983, а и како член на органите на управување, секогаш давајќи несебичен придонес кон здружението и авторските права. Ќе го паметиме како особено позитивен лик кој поради своите музички достигнувања се вбројува меѓу најплодните и највлијателни автори во Македонија.
Почивај во мир драг Маестро!