21/03/2020 Известување до авторите – Ковид 19
Информација од ЗАМП
Почитувани музички автори,
Во услови на вонредни мерки што ги воведе Владата поради ескалацијата на вирусот КОВИД-19, Стручната служба на ЗАМП и органите и телата на управување прават вонредни и максимални напори до крајот на месецов да ја извршат распределбата на средствата собрани од корисниците на музика за 2019 година. Сакаме да ве охрабриме дека и покрај редукцијата на вработените, и покрај доследното почитување на владините мерки за работење од дома, правиме се и во вакви отежнати околности да се организираме така што во целост ќе одговориме на обврските за популарно наречените тантиеми навреме да стасаат на вашите сметки.
Знаеме, никому во таква ситуација не му е лесно. Ова е голем удар врз здравјето на луѓето, но и удар врз стабилноста на компаниите и целокупната економија на земјата. Ако, сепак, може од сета таа несреќа да се извлече нешто позитивно, тоа е можноста оваа пандемија да не научи да станеме поодговорни, посолидарни и почувствителни луѓе и секој од нас, како член на ЗАМП и самостојно да преземе нешто што ќе биде во полза на оние кои се најзагрозени, а со тоа и на општеството во целина.
Во таа смисла, ЗАМП деновиве одлучи да ги ослободи од плаќање авторски надоместоци најпогодените корисници на музика (хотели, угостителски објекти, културни и спортски организации и други институции) во месеците додека траат вонредните мерки на Владата. Откажувајќи се од тој дел на приходите, веруваме дека на најдобар начин ќе демонстрираме општествена одговорност и како Здружение и како поединци од фелата.
Следете на нашата веб-страница за деталите.
ЗАМП
в.д. Директор
Нина Ивановска