16/07/2020 Фолклорот – нашето антрополошко огниште („Песните се нивен незаборав“ од Кирил Тодевски и Марија Велковска)
Дваесет и четири библиографии на македонски пејачи и пејачки во една книга. Нив ги обединуваат песната и смртта. Сеприсутноста на нивното дело не дозволува таа книга да се нарече книга на мртвите пејачи. Затоа, авторите Кирил Тодевски и Марија Велковска на изразот на конечноста на животот го спротивставиле изразот на незаборавот на нивното дело. „Песните се нивен незаборав“ – да го уточниме насловот на книгата – се хроника за најзначајниот период на македонскиот фолклор, кој е најпрепознатливиот дел од нашата култура, воопшто.
Кон обработката на таква материја може да се пријде само на еден начин: фолклорот да се прифати како наше антрополошко огниште од кое, подоцна, како што тврди Ернст Блох, „расцутува животот на звуците“. Само така, толку различна музика може да остане цврст духовен прстен, зашто само она што се изразува со тонови може да се однесува на некое „јас“ или на некое „ние“.
Таков наум, верувам, имале авторите на монографијава, зашто нивните работни биографии целосно се втопени во македонскиот фолклор.
Кирил Тодевски е дипломиран ентомузиколог на белградската Музичка академија во класата на проф. Драгослав Девиќ. Сиот работен век го минал во Македонското радио, во Редакцијата за народна музика. Како уредник, ги следел настаните од фолклористиката во земјава и надвор од неа, рецензирал програми на повеќе фолклоорни фестивали, а 8 години бил уметнички директор на Фолк фест „Валандово“. Како автор или коавтор потписник е на голем број монографии, меѓу кои и за „Танец“, за Сариевски, за Пеце Атанасовски, а рецензирал и голем број дела на негови колеги од областа на фолклорот.
Марија Велковска дипломирала на Одделот за музичка теорија и педагогија на УКИМ во Скопје, а диплома за хорски диригент добила во класата на проф. Драган Шуплевски. Волонтирајќи неколку години, во 1991 година е ангажирана да ја води емисијата „Фолк средби“ и да известува од голем број фолклорни фестивали. Во 1995 година се вработува во Музичката програма на Македонската радио-телевизија, потпишувајќи ги препознатливите авторски емисии „Нишан ти пратив, моме ле“ и „Песни на мојата душа“, а од 2001 до 2014 година е извршен уредник на Музичката програма при Првата програма на Македонското радио, Радио Скопје. Рецензирала неколку монографии и автор е на повеќе документарни радио емисии на фолклорни теми.
За повеќемина наши пејачи во последните неколку децении се објавија монографии, така што книгава која ја промовираме нема претензии за себе да бара некакво профетско место и значење. Ниту содржински, ниту тематски таа не е единствена. Сепак, таа се изделува со тоа што е научно фундирана, водена со истражувачка постапка, прегледно конципирана и систематизирана и погодна за нови проучувања во областа што ја обработува. Според тоа, оваа книга е податлива не само за историјата на македонската народна песна и за нашите пејачи, туку е богата база за проучување на музичките програми на Радио Скопје од крајот на 1944 година до денешни дни, потоа го следи развојот на телевизиската културно-уметничка програма, а ги бележи почетоците на интернационализацијата на македонскиот фолклор.
Големиот број податоци овозможуваат од година во година да се следи развојниот процес на првите пејачи на народни песни: нивните настапи во живо на програмата на радиото, создавањето на оркестрите на Радио Скопје, првите снимани материјали, организираните гостувања меѓу нашите иселеници во САД, Канада, Австралија и Европа, раѓањето и унапредувањето на домашната дискографска продукција, зачетоците на фолклорните фестивали и сè она што е поврзано со афирмацијата на македонската песна.
„Со првите одгласи на народните песни преку програмите на Радио Скопје, во почетокот на 1945 година, се трасира патот на современиот начин на презентирање на песните. Имено за разлика од дотогашното негување на песната, кое главно било во семејни кругови, на домашни пригодни веселби, слави, седенки и слично, без инструментална придружба, или во придружба на кавал, гајда, тамбура, кемане, започна процесот на пеење со оркестарски придружби и форматирано пеење, односно рамковно приспособување на песните во строфи и со инструментални припеви“, констатираат Тодевски и Велковска.
Ништо од појавата на фолклорниот феномен не е случајно, зашто тој се потпира на повеќевековно устно превривање кое по ослободувањето на земјава по Втората светска војна добива свој израз. Песните што ги испеаја дваесет и четворицата пејачи опфатени во книгава се статус на нивната сопствена естетска автономност.
Затоа, во темелите на таа фолклорна вертикала е поставен Васил Хаџиманов, пејач и пионер на македонската етномузикологија. Како уредник на Редакцијата на народна музика на Радио Скопје Хаџиманов ќе учествува во формирањето на оркестрите и ќе стане вистински двигател на таа програма, а парелелно со тоа ќе собере околу 8.000 народни песни.
Во такви околности, како член на кавадаречкото фолклорно друштво што го раководел Хаџиманов, се оформува и Никола Бадев, кој во 1948 г. со песната „Тешка беше нашата разделба“ на Републичкиот фолклорен фестивал ја освојува првата награда и добива виза да почне со настапи во живо на радиото.
На аудиција во Операта, пак, истата година право да застане пред микрофонот ќе добие и Александар Сариевски, кој преку „Танец“, 10 години подоцна, патот ќе го донесе во Радио Скопје.
Во 1950 година во „Танец“ ќе запее и ќе заигра Васка Илиева, а 4 години подоцна и таа ќе се вработи во Радио Скопје.
Кон овој интерпретаторски „триумвират“ подоцна се приклучуваат: Мирвет Беловска, Благој Петровски – Караѓуле, Нада Макеларска, Гого Зафировски – Зафиро, Вања Лазарова – Димитровска, Блага Видец, Јонче Христовски, Добри Ставревски, Драгица Мавровска, Кирил Манчевски, Љупчо Дучевски, Мирко Митревски, Пепи Бафтировски, Есма Реџепова – Теодосиевска, Кирчо Поплазаров, Гоце Николовски, Петранка Костадинова, Војо Стојановски, Јанко Узунов и Гоце Арнаудов, при што авторите на монографијата во презентацијата на пејачите се воделе според годината на раѓање.
Определувајќи се посебно да маркирам тројца од пејачите опфатени во овој зборник, јас свесно излегов од спокојството што би ми следело без тој чекор на градирање. Сепак, се определив да жртвувам дел од таа комоција затоа што сметам дека една мала жртва е поблагородна од сигурноста на заветрината.
И веднаш да поентирам: Никола Бадев, Александар Сариевски и Васка Илиева се тројството кое ја изгради естетиката на македонската народна песна, со сите разлики и специфичности на секој од нив. И како соло пејачи, и како вкрстени дуети (секој со секого), тие исткајаа таква основа што доколку, по некој случај, после нив Македонија онемеше, нивните гласови ќе беа достојни да ја испишат историјата на музичката култура на една нација, која може да се споредува со богатството на фолклорот и на најбројните нации во светот.
Спомнатите тројца пејачи, како никој после нив, се вградија во темелите на татковината и во националната култура на начин кој говори дека тие силно го чувствувале времето во кое живеат, поседувале длабока свест за тоа дека се први на фолклорната ледина и дека од нив ќе зависи дали ќе ги соберат најздравите зрна од гумното на националното фолклорно богатство и во која насока ќе се развива тоа творештво. Неспорно е дека, покрај пејачката дарба, тие поседуваа умешност и одговорност од македонскиот естетски амалгам да утврдат наш принцип, независно од тоа што долго време претходно нему не му беа наклонети историските околности.
Не само според бројот на испеаните и снимени песни туку и според длабочината на мелопојните карактеристики што секој од тројцата великани на посебен начин ги втисна во богатството теми и интерпретации, тие останаа ненадминати.
Паралелно со развојот на музичката форма, нивните творби отворија можност да се умножат и поетските изразни средства на подоцнежната фестивалска продукција. Зашто надградувајќи ја традицијата, сакале или не, свесно или несвесно, ја испишуваме и новата историја на македонската музичка култура.
Тие не беа само собирачи на народни песни, не беа само големи пејачи, туку беа и композитори, и пишувачи на текстови, и инструменталисти, и играорци, што ќе рече дека силно го чувствувале духот на времето и духот на народното творештво (Васка Илиева, на пример, до денес остана ненадмината според бројот на испеаните и снимени песни). Затоа не е чудно што тие се вградија во темелите на националниот фолклор, а никој не го повтори успехот што го постигнаа во татковината и на континентите каде што живеат Mакедонци.
Првите наши пејачи, тоа треба да се нагласи, не дозволија музиката да се претвори во заглушувачка бучава на емоциите. Како да знаеле дека таа ќе биде убава и возвишена единствено ако е измиена од валкана афективност и „доколку е лишена од сентиментално варварство.“
Кај нив, секој музички елемент – интервал, боја, звук, акорд, ритам – има сопствена физиономија и точно определена функција. Тие станаа мерка за тоа како треба да се обликува македонската песна која и без било каков друг предзнак се издвојува во мноштвото мелодии што ги миксале допирите на културите и историјата на Балканот. Во најубавите музички уметнички дела од нашите први пејачи може да се издвојат, како што по еден друг повод констатира Хартман, „четирите слоја на естетиката: неорганскиот, органскиот, душевниот и духовниот.“ Затоа велиме дека Бадев, Сариевски и Илиева ја утврдија нормата на македонската народна песна.
Нивните песни, покрај другото, си наметнаа улога да го зацврстат нашиот фолклор, извлекувајќи го од него македонскиот супстрат, а тие што дојдоа после нив, тие кои ја создаваат новата музика, имаат задача неа да ја надградат со „освежени“ орнаменти, со стегната структура и со јасна форма, проширувајќи ја нејзината тонална и ритмичка структура.
Впрочем, целокупната уметност се стреми кон состојбата на музиката. Затоа што во музиката формата и содржината не може да бидат разделени. Не ретко ќе чуете како таа и таа песна изразувала вистинит настан од реалниот живот, дека таква била таа љубов или таа болка во реалниот живот на некој човек… За уметноста тоа нема никакво значење. Тоа не е најсуштественото за една песна.
Убавината на песната ја чувствуваме и пред да почнеме да размислуваме за нејзините можни значења. Тие, се разбира, дури и тогаш, сепак имаат значење – не на разумот туку на имагинацијата.
Оваа книга е најкомплетниот бележник на најмаркантните припадници на македонскиот национален фолклор кој уште се допејува, се доградува, се доразвива и отвора нови простори за израз. Зашто уште не е спомната една Лета Барџиева, на пример, водечкиот вокал на Бапчорките, која да останеше и само со една песна, онаа „Болна е легнала Калина“, ќе беше достојна за споменик. Зашто таквите песни и таквото пеење, дури и да е научено или преземено од некаде, повеќе е личен чин, сведоштво за индивидуалното растење на една пејачка, која целосно била потопена во мелодискиот супстрат на националниот пој.
Ние сме генерација која имаше среќа да гази по ѕидовите на таа фолклорна тврдина и истовремено да ги собира плодовите од новосоздадената песна. Уште има живи народни пејачи кои чекаат да отпретаме некоја стара песна. Тој процес одамна завршил во многу европски земји. Ние сме привилегирани. Кај нас, дали поради историските околности или од други причини, вековите се компримирале и во исто време се случува да допреме до некоја песна која останала запишана во меморијата на некој човек и да слушнеме некоја нова песна која е свртена кон идниот ден.
Тоа, пред да почине, му се случи на Гоце Арнаудов, кој беше очуден од убавината на „Темјануго, Темјанушке“, и ја доживеа како кога археолог ќе ископа вреден артефакт, иако, за жал, човекот што ја откри таа песна, не дочека да ја чуе интерпретацијата на својот омилен пејач.
Како припадници на мала нација, не смееме да заборавиме на предупредувањето што по еден друг повод го кажа Милан Кундера: „Малите нации од големите нации не ги разликува само квантитативниот принцип, бројот на жителите. Има нешто подлабоко од тоа: постоењето на малите нации не е сигурност која доаѓа сама по себе, туку секогаш е прашање на ризик; малите нации се бранат од историјата, зашто таа сила нив не ги зема предвид, дури не ги ни забележува.“
Се разбира, останува отворено прашањето колку една култура на мал народ, во ера на интензивирана комуникација, може да се заштити од туѓите влијанија, зашто глобализацијата значи унификација, мејнстрим, таа има улога на музичко есперанто, кое настојува да ги нивелира различностите.
Па, конечно да го поставиме вистинското прашање: како ние ја браниме нашата музика од заборавот? Како ја браниме од нас самите?
Грубо се мамите ако верувате дека ваквите хроники за нашите песнопојци се прават само за тоа – имињата на пејачите да се оттргнат од заборавот. Уверен сум дека тоа што тие го направија, и другите кои продолжија да го прават по нив, не е само сведоштво дека на некое ќоше од балканското музичко милје тие пејачи, композитори, поети на слепо пришивале некакви закрпи, туку дека тие на тој начин ја дефинирале естетиката на песната, свесни дека и во отсуство на држава може да се создава уметност.
За жал, денес, кога имаме сопствена држава, музиката е оставена на случајни минувачи. Без радио-телевизиски оркестри, без голема сопствена продукција, без уметничко сито за тоа што може, а што не треба да се снима, без одговорност за тоа кој може, а кој не треба да ги преработува песните што сме ги наследиле од нашите предци, иако за таа цел државата формирала институти, без обврска на домашните медиуми со национална концесија да користат наша музика, пред сè од домашни автори, не може да се очекува извесен, а уште помалку осмислен развој на тоа творештво.
Ако денес некој ме праша со што македонската нација ги задолжила моите гени, јас ќе одговорам: со фолклорот, со народната поезија. Тоа огромно наследство не смее да се претвори во играчка на некадарници. Не може секој да собира плодови од градината на македонскиот фолклор и тоа да го прикажува како свое уметничко дело или како некаква уметничка обработка. Мораме гласно да им се спротивставиме на оние кои дури со државни пари ги нагрдија стамените структури на нашите народни песни, претставувајќи ги како сопствени уметнички обработки. Други, пак, во соседството, полагајќи некакво умислено „историско право“, си ги преснимуваат нашите народни и авторските песни и си ги претставуваат како свои!
Затоа, велам, денес мора да го кренеме гласот против разнебитувањето и разграбувањето на нашето фолклорно наследство. Кога ако не денес? Кој ако не ние?
Дозволете ми на крајот, на авторите Тодевски и Велковска да им честитам за тој потфат и да ги охрабрам низата да ја продолжат и длабински да ги откријат спецификите во интерптретацијата на секој од големиот број пејачи кои оставија свој печат врз македонскиот фолклор.
Министерството за култура и Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, со поддршката во објавувањето на оваа книга потврдуваат дека ги препознале националните културни вредности, за што им изразуваме благодарност.
Но, тоа само по себе не е гаранција дека сме создале услови за зачувување и за развивање на тоа творештво.
Георги Барбаровски
Промоција, 16.07.2020