01/10/2020 ЗНАЧАЈНИ ОСТВАРУВАЊА ВО МУЗИЧКОТО ТВОРЕШТВО – НАГРАДАТА НА СОКОМ ЗА ЖИВОЈИН ГЛИШИЌ
Живојин Глишиќ е годинашен добитник на наградата „Трајко Прокопиев”, највисоко професионално признание за животно дело, кое го доделува Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата.
Професорот Живојин Глишиќ е еден од ретките музички творци во земјава кој своето уметничко дело го темели на најупотребуваните музички постулати што своевремено ги формулираше Ернест Блох – како патување во земјата која уште не почнала да се движи и истовремено како порака за иднината. Блох музиката ја нарече „прибежиште на светлината“, „најмоќна трансцедентна сигурност помеѓу небото и земјата“, „светлечко небо на сонот на човечката душа“.
Музиката, сепак, не е сон, не е лебдење, туку „цврст душевен прстен“, кој со сиот свој обем лежи над сè што би можело да се означи како емпириско. Според тоа, музиката го има статусот на битијата на светот и, истовремено, статусот на сопствената естетска автономност.
На авторите кои ги примиле тие музички постулати не им е значајно да бидат врамени во некои од различните музички правци, родови и видови што ги создаваат музичките критичари. За музиката на Глишиќ може да се рече дека извира од срцевината на роданачалникот на тоналитетот, Јохан Себастијан Бах, дека е испишана со дијаграмите на современите музички конфигурации, но и дека широко е потпрена на македонската традиционална музика. Такви се, впрочем, првите негови дела – од допирите со музиката што непосредно ги впил во дружењето со композиторот, аранжер и диригент Драган Ѓаконовски – Шпато, основоположник на популарната и џез музиката во Македонија, од студиите по композиција во класата на професорот Зографски, од работата во Македонската Радио Телевизија како гитарист во народниот оркестар и како солист на гитара во Биг бендот на МРТ – до најновите негови композиции.
Живојин Глишиќ е роден на 27.07.1954 год. во Скопје, Р.Македонија. Основното образование го завршил во Скопје во ОУ „Ј.Х.Песталоци“, а потоа се запишува во Средното музичко училиште во Скопје во кое, покрај теоретските дисциплини, изучува труба и пијано. Тогаш ги создава првите композиции со кои се појавува на фестивалите на популарна музика во Скопје и Опатија. Истовремено посветува поголемо внимание на изучувањето на џезот и на јужноамериканската музика. Оттогаш датира неговата соработка со повеќе естрадни ансамбли како гитарист, трубач и аранжер. Во ова време ја започнува и соработката со Биг Бендот на РТС како гитарист. Образованието го дооформува на Факултетот за музичка уметност во Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија.
По консултации со композиторот проф. Томислав Зографски се запишува и на одделот по композиција. Во тој период создава композиции кои, покрај класичниот приод, вклучуваат и елементи на македонскиот фолклор и на џезот. Студиите по композиција во класата на проф. Зографски се од големо значење за запознавањето на Глишиќ со класичните и современите композиторски вештини. Од тој период се издвојуваат неговите дела: „Пет минијатури за пијано“, хорската композиција работена според народната песна „Марика мома убава“, „Гудачки квартет“, „Кончертино за гитара и симфониски оркестар“, „Суита за вибрафон, електрична гитара и виолончело“ и други композиции.
Глишиќ ги завршува и двата оддела на ФМУ, а како дипломска работа на одделот по композиција ја пишува кантата „Самуил“, на текст од Анте Поповски – за машки хор и симфониски оркестар.
Во 1979 година се вработува во Македонската Радио Телевизија како гитарист во народниот оркестар, а подоцна и како солист на гитара во Биг бендот. Работата во овие два оркестра и соработката со голем број музичари со различна стилска и жанровска ориентација му овозможува да се профилира како аранжер на популарна, традиционална, детска, а особено на џез музика, за што сведочат над 350 аранжмани и 21 награда за најдобар аранжман на фестивалите во земјава и во странство.
Од големиот број награди најзабележителна е онаа за најдобро обработена фолклорна тема на смотрите на Биг бенд оркестрите во Раденци, Република Словенија, за композицијата „Со маки сум се родила“. Повеќе негови композици за биг бенд и солисти се ставени на носачи на звук, а на нив авторот најчесто се појавува и како солист на гитара.
Во 1984 година е примен во Друштвото на композиторите на Македонија. Во 1986 започнува соработка со џез групата „Јазбина“ од Загреб, како гитарист, композитор и аранжер. Тоа резултира со една ЛП и едно ЦД на кои се наоѓаат и две композиции на Глишиќ – „Разденување“ и „Пасаж“. Со таа група настапува низ Европа и во бившите Ју- простори. По нарачка на Загрепското биенале, во 1987 година, Глишиќ ја пишува композицијата „Одрон“ – зa флејта и удиралки што премиерно ја изведуваат Ив Пјер Арто (Франција) на флејти и Игор Лешник (Р.Хрватска) на удиралки.
Во 1989 е назначен за уредник–продуцент во Музичката продукција на МРТ, а истата година е избран за асистент на ФМУ Скопје, по предметите хармонија и полифонија. Во 1993 ја создава композицијата „На убавиот син Охрид“ – за симфониски оркестар, според народната песна „Билјана платно белеше“, со европски манири. Во 1993-94 год. напиша „Концерт за контрабас и камерен оркестар“, кој е изведен во феврури 1994 во Шуберт салата во Виена. Во 1996 година е избран за доцент на ФМУ. Во 1999 год. МРТ Скопје организира авторски концерт на Живојин Глишиќ со Биг бендот на МРТ на кој авторот настапи како солист на гитара. Во меѓувреме, редовно се појавуваше како автор на манифестацијата Денови на македонската музика.
Во 2000-та година е избран за вонреден професор. Во 2003 година го обработува за пијано народното оро „Пајдушко“ од кое подоцна настана композицијата „Прелудиум и пајдушка“, која најголемиот македонски пијанист Симон Трпчески ја изведе повеќе од 120 пати на најголемите светски сцени. Композицијата со виртуозен карактер донесе нов третман на фолклорот во спојот со џезот и класичната музика со што на овој 5/16 такт му даде нова димензија, широко прифатена од критиката и од публиката. Композицијата е снимена за дискографската куќа ЕМИ КЛАСИК и за Дојче радио.
Во 2005 година е избран за редовен професор по група предмети од областа на теорија на музиката и композиција. Истата година, по нарачка од Ансамблот „Танец“ ја пишува хорската композиција со духовен карактер „Псалм 109“ на текст од Михаил Ренџов. Со неа хорот на „Танец“ настапи во Сплит, Р. Хрватска. Со истиот хор е остварена уште една соработка со обработката на народната песна „Море сокол пие“ – за мешан хор, а солист е легндарниот поп пејач Тоше Проески. Во 2008 година, како нарачка за отворање на ДММ, ја обработи народната песна „Кажи, кажи либе Стано“ – за симфониски оркестар, баритон и сопран. Истата година, по нарачка на перкусионистот Мартин Вучиќ, за група која ја сочинуваат 4 перкусионисти, клавијатури, хармоника, бас гитара и изведувач на кавал, гајда и тамбура , Глишиќ ги обработи ората од репертоарот на гајдаџијата Пеце Атанасовски и направи 9 композиции: „Беше еднаш една лиса“,„Самба де калајџи“, преработка на „Прелудиум и пајдушка“, „Рум, дум техно дум“, „Зајдисонце во Топаана“, „Комитска приказна“, „Пиринска суита“, „Jana,s day,Jana,s dance“ и „Чучук денс“. Проектот насловен „Звуците од Македонија“ премиерно го изведе ансамблот „PER-EX“ на меѓународниот фестивал „Охридско лето“ во 2008 год.
Следат преработките на: „Ајде Милке да бегаме“ – за детски хор, Музика за ТВ серија „Добри луѓе” , „Пасхално ехо“ – византиски напеви за симфониски оркестар, хор и солисти, варијации на традиционална тема – за соло виолина, „Рондо за виола и пијано“.
Подоцна, Глишиќ ги пишува „Твојот пат“ – композиција за симфониски оркестар, мешан хор, традиционални инструменти, биг бенд, вокален квартет, „Скопје 69“- чекорница за воен дувачки оркестар, „Dream“ – композиција за флејта и пијано, композиции за биг бенд, „Октомври“, „Дерсу“, „И после се“, „Разденување“, „Со маки сум се родила“, „Топлес“, „Оваа наша ливада“, „Hello Rock“, „Елизабета“, „To my father“ – за пијано, гитара, саксафон, тапани, контрабас, „Expect“ и други.
Од 2019 година Живојин Глишиќ е избран за претседател на Собранието на Здружението за заштита на музичките авторски права (ЗАМП).
Глишиќ е добитник на 23 награди за најдобар аранжман од областа на популарната, традиционалната и џез музикaта, потоа за Варијации на традиционална тема-композиција за соло виолина: Сан Ремо Јуниор- Италија ,Санкт Петерсбург – Рондо за виола и пијано – Еилат – Израел.
Добитник е на наградата на УКИМ во сферата на уметностите за 2016 година, Награда од Министерството за одбрана за најдобра чекорница (2017), Награда за животно дело на Радио Роса.